Petition to UNESCO ! - Why Europe discriminates Macedonian language and identity

ПЕТИЦИЈА ДО УНЕСКО ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Почитувана г-ѓо Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, Ние, долупотпишаните, граѓани на Република Македонија со различно политичко, етничко и верско потекло, но и Македонци и други правдољубиви луѓе од сите делови на светот, Ви се обраќаме со барање да ја спречите дискриминацијата што му се прави на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Се обраќаме до Вас како највисока институција задолжена за грижа и заштита на културата и културното наследство во светот, каде посебно место зазема јазикот, како духовно културно наследство. Оттука, заштитата на загрозените јазици и обезбедувањето на културната разновидност во светот, претставува една од водечките мисии и визии на УНЕСКО, на која и ја посветивте годината 2008-та, насловена како Година на јазиците. Нашата земја исто така се вклучи во одбележувањето, прогласувајќи Година на македонскиот јазик, а ја имавме честа и лично да не посети Вашиот претходник, г-н Мацура. Поради сево ова, Ви се обраќаме во очекување да се ангажирате во исправањето на неправдата што веќе со години му се нанесува на македонскиот народ. Бараме да обезбедите трајна заштита на македонскиот јазик и културен идентитет, како дел од светското културно наследство. На тоа упатуваат и не обврзуваат бројните меѓународни документи од оваа област, почнувајќи од Универзалната декларација за човекови права на ОН (член 27), Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права на ОН (член 13 и 15), но и Универзалната декларација за културната разновидност на УНЕСКО од 2001 г. Сите тие ги третираат културните права, меѓу кои и правото на секого да се изразува, да создава и да ги шири своите дела на јазик што ќе го одбере самиот, а посебно на својот мајчин јазик. Овие права се интегрален дел на човековите права, кои се универзални, неделиви и меѓузависни. Дозволете ни, г-ѓо Бокова, нашите барања и очекувања од УНЕСКО да ги поткрепиме со конкретни податоци и примери за загрозеноста на македонскиот јазик, како исклучително значаен дел на културните права и на идентитетот на Македонците. Имено, веќе дваесет години трае македонската меѓународна голгота! Република Македонија како држава е блокирана во процесите за влез во НАТО и ЕУ, како нејзини стратешки одредници, но и воопшто во нормалната комуникација со светот. Како што веројатно знаете, тоа произлезе од противењето на Грција, која го оспори именувањето на нашата земја како Македонија, а во натамошните преговори и употребата на сите придавки за народ, јазик и се друго поврзано со овој збор. Република Македонија стана членка на Обединетите Нации во услови на страотен притисок и уцени за нејзиното опстојување, под референцата ˝поранешна југословенска република Македонија˝ во 1993 година, преку Резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите Нации под бр.47/225, што беше ˝крајно контроверзна и политизирана спогодба˝, како што стои и во официјалното електронско издание на УНТЕРМ – Мултилингвалната терминолошка датотека на Обединетите Нации. Тоа во праксата предизвика оспорување на придавката ˝македонски˝ насекаде, во сите меѓународни институции и манифестации, независно дали се од политички, трговски, научен, спортски или културен карактер, што доведува до блокирање и оневозможување на нормалниот развој и напредок на Република Македонија како држава. Истовремено, Македонците кои живеат во Република Македонија, но и оние надвор од границите, како и од дијаспората, се изложени на постојано негирање, понижување и дискриминација во поглед на основното човеково право за самоидентификација, негување и зачувување на својот културен идентитет. Непосреден повод за Петицијата беше повторното исчезнување на македонскиот јазик од графата во официјалното електронско издание на УНТЕРМ, поради, како што беше наведено од нивна страна, административна грешка на некој службеник!? Грешката е моментално поправена, како резултат на дипломатската офанзива од страна на Република Македонија, но нема гаранција дека не ќе се повтори низ некој друг документ или повод. Истовремено, под националност повторно стои широк опис произлезен од референцата за нашата држава, наместо зборот ˝македонска˝. Собирањето потписи во поддршка на Петицијата започна на Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември 2010 година, во главниот град на Република Македонија, Скопје, но и во другите градови на земјата, како и по електронски пат. Иницијатор за Петицијата е Демократската обнова на Македонија - ДОМ, како граѓанска, зелена партија, на која принципот на недискриминација и е еден од темелните, истовремено и поранешен иницијатор на Годината на македонскиот јазик-2008. Ќе си дозволиме јавно да се запрашаме: До кога ќе трае сево ова? До кога некој службеник во ОН, или каде и да е, ќе може да го брише, преименува и обезименува македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот идентитет, кога тој произлегува од правото на самоидентификување? Дали Обединетите Нации, како стожер на меѓународното право, ги штитат сите подеднакво, или имаат двојни стандарди – едни за посилните, други за послабите? Што остана тогаш од правдата како највисок идеал? Што станува со сите конвенции, декларации и резолуции на Обединетите Нации за зачувување на човековите права и културното наследство, а против дискриминацијата на секој поединец и група по која и да е основа? Зошто не реагирал досега УНЕСКО, како највисока организација за заштита на јазикот, културата, и културното наследство? Почитувана г-ѓо Бокова, веруваме дека принципот за недискриминација е во темелите на постоењето на организацијата на чие чело сте. Затоа, апелираме до Вас лично да се заземете за македонскиот јазик и културен идентитет и да прекине дискриминацијата и неправдата што му се нанесува на еден мирољубив народ! Остануваме со почит.